– Српскиот министер за здравство Златибор Лончар изјави денеска дека нема причина за паника по појавата на новиот коронавирус во Кина и оти се преземени сите мерки за да се спречи појавувањето на вирусот во Србија, се наведува на веб-страницата на српската влада.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Лончар кажа дека ситуацијата се следи од ден на ден и дека на белградскиот аеродром „Никола Тесла” е инсталирана најнапредна термовизиска камера, која ја детектира телесната температура на сите што ќе влезат.
Доколку се утврди дека лицето има висока температура, се сместува во карантин, а потоа се префрла на Клиниката за инфективни болести, каде дополнително се следи неговата состојба, објасни министерот. Според Лончар, Србија е една од ретките земји која веќе има реагенси за откривање на најновиот вирус, на Клиниката за инфективни болести.
-Ние правиме сè што ќе препорача Светската здравствена организација (СЗО), дури и повеќе од тоа, кажа Лончар, истакнувајќи дека претставникот на СЗО во Србија, оценил дека Србија е апсолутно во рангот на сите развиени европски земји.
Тој кажа дека Светската здравствена организација попладнево ќе заседава, по што ќе следат препораки за натамошно дејствување за спречување на ширењето на вирусот.
Србија ја заостри граничната контрола поради коронавирусот, од кој во Кина заболеа околу 500, а починаа најмалку 17 лица.