Протестите во Либан продолжија и покрај најавата на новиот премиер Хасан Диаб дека е формирана влада со 20 министри, по еден месец политички застој.
Како што пренесуваат светските агенции, новата влада треба да ја спаси разнишаната економија.
Диаб (61), поранешен министер за образование и професор на Американскиот универзитет во Бејрут, кој има поддршка од моќното шиитско движење Хезболах, синоќа соопшти дека Либан сега има влада.
Тој нагласи дека владата е составена од технократи и дека ќе се стреми да ги исполни барањата на демонстрантите.
Во владата има шест жени, а првпат министерка за одбрана – Зеина Акар.
Министер за надворешни работи ќе биде дипломатот Насиф Хити.
Новата влада има непознати луѓе, многу професори и поранешни советници, но демонстрантите тврдат дека тие само претставуваат „димна завеса” за досегашната политичка елита.
Групи демонстранти се собраа на улиците на Бејрут уште пред да се објави дека владата е формирана, блокирајќи ја главната улица во центарот на градот, при што десетици луѓе беа повредени во судирите со полицијата.