Заменичката на претседателот на Владата Мила Царовска, дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, заменик директорот на Фондот на ПИО Илија Ивановски, претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери Станка Трајкова и градоначалникот Живко Гошаревски, денеска се сретнаа со пензионерите во Ресен.
На средбата било разговарано за престојното покачување на пензиите во политика и другите прашања поврзани со повозрасната популација.
– Јануарската пензија што ќе ја исплатиме во февруари ќе биде 700 денари повисока за секој пензионер. Со оваа одлука го зајакнуваме животниот стандард на пензионерите, а просечната пензија ќе изнесува 15.500 денари. Покачувањето на пензиите се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата, истакнала Царовска, соопшти денеска владиниот Сектор за односи со јавноста.
Системското решение предвидува дополниетлно зголемување на пензиите освен според растот на БДП, да може да се зголемуваат и според растот на платите.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, нагласила дека секој граѓанин има право на достоинствен живот и сите имаат право да уживаат во плодовите од она што го сработиле во животот.
– Се инвестира во развој на услуги на локално ниво како што се помош и нега во домашни услови. Се работи на развој на центри за активно и здраво стареење на возрасни лица, кои ќе се користат за социјализација и дружење. Активно работиме на подобрување на услугите на центрите за социјална работа на локално ниво и ќе продолжиме да работиме напорно, затоа што секој заслужува достоинствен живот”, посочила заменичката министерка Шкријељ.
Заменик директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување истакнал дека пензиите и следниот месец ќе се исплаќаат без позајмици.
– Приходите во Фондот се зголемуваат, а дефицитот е намален за 10 отсто. Тоа е резултат на зголемената уплата на придонеси и зголемувањето на бројот на вработени во државата, рекол Ивановски.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова истакнала дека секој заслужува достоинствен живот и ова зголемување на пензиите ќе значи многу за пензионерите.