Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ изјави денеска дека доколку утре се одржи референдум со прашањето „Дали го поддржувате членството на Србија во ЕУ?”, 54 проценти од српските граѓани би гласале „за”, 24 проценти би гласале „против”, додека 12 проценти воопшто не би гласале , а 10 проценти не знаат како би одговориле на ова прашање.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, според соопштението на ова министерство, Јоксимовиќ осврнувајќи се на резултатите од најновото испитување на јавното мислење, „Европската ориентација на српските граѓани”, спроведена од Министерството за евроинтеграции, истакна дека истражувањето е спроведено според стандардот на Евробарометар и дека во него учествувале 1.050 испитаници на возраст од над 18 години.
Јоксимовиќ посочи дека најновите податоци покажуваат дека трендот на стабилна поддршка на граѓаните во евроинтеграциите продолжува, бидејќи во последните две години одговорите на прашањето „Дали на референдум би го поддржале приемот на Србија во ЕУ” биле речиси идентични со ова истражување.
Јоксимовиќ појасни дека самиот процес е една работа и дека крајната цел е друга, „патувањето може да биде тешко, не секогаш лесно и политички комплицирано, но патувањето е исплатливо заради крајната цел што треба да се достигне и каде мислите дека треба да бидете.”
-Затоа, поддршката може да биде помала во однос на процесот, но кога ги прашувате луѓето дали сте за членство – 54 отсто од граѓаните велат дека се апсолутно за членство, кажа Јоксимовиќ, посочувајќи дека од 2014 година, преку истражувања спроведени двапати годишно од Министерството за евроинтеграции според стандардот на Евробарометар, на референдумско прашање за членството на Србија во ЕУ, позитивно се изјасниле 46 отсто, па 44 олтсто од граѓаните гласале позитивно, потоа во 2015 година 49 и 48 проценти, во 2016 година 41 и 47 процент, во 2017 година 49 и 52 проценти кога повторно започна трендот на натполовична поддршка. Во 2018 година, 55 проценти се регистрирани во двата истражувачки периоди и 53 проценти во првата половина на 2019 година.
Испитаниците сметаат дека борбата против корупцијата е најзначајна реформа која има најголемо позитивно влијание врз нивниот секојдневен живот (19 проценти). Следи реформата на здравствениот систем со 17 проценти, подобрата заштита на човековите права и реформите во судството со 13 проценти се следни по важност за граѓаните.
Говорејќи за претпристапните фондови на ЕУ, Јоксимовиќ оцени дека Србија предводи во регионот во користењето на пари кои и се ставени на располагање, или годишно околу 200 милиони евра. Таа потенцираше дека проектите што придонесуваат за натамошен напредок во зајакнување на конкурентноста на економијата, владеењето на правото, животната средина и борбата против климатските промени, намалувањето на невработеноста и целокупниот социјален развој се предложени како приоритети за финансирање од ИПА фондовите за 2019 и 2020 година.
„Фактот дека овие средства се користат ефективно и навремено, е потврдено со тоа дека 26 проценти од испитаниците признале дека Европската унија е најголем донатор на Србија. На второ место, според перцепцијата на граѓаните е Русија, на трето Кина и на четврто место е Јапонија со 23, 20 и осум проценти, се наведува во соопштението од ова Министерство.
Официјалните податоци говорат дека од 2000 година до крајот на 2016 година, Европската унија и нејзините земји-членки, со грантови од 4,31 милијарди евра, биле најголеми донатори, придонесувајќи значително за развојот на Србија – или поединечно гледано, Европската комисија донирала 2,96 милијарди, Германија 368,21 милиони, Шведска 232,11 милиони и Италија 187,72 милиони евра.