Основниот суд во Приштина ги осуди денеска на затворска казна од вкупно 41 година седуммина припадници на илегалната група „Окото на народот”, кои планирале напади врз високи државни функционери и јавни личности во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Првообвинетиот Авни Лумница е осуден на 12 години, Садри Рамабаја на пет години, Рагип Салова на четири, Бајруш Коњуша и Халим Халими на по три, а Реџеп Топлана и Беџет Љужа на по две години затвор.
Лумница по изрекувањето на пресудата извика „предавство” и упати навредливи зборови кон судот, по што со полиција беше изведен надвор од судницата.
На Мурат Јашари, обвинет за обид за убиство на поранешниот комунистички функционер, адвокатот Азем Власи, судот му изрече мерка психијатриски надзор во траење од 10 години. Јашари во март 2017 година вооружен со пиштол упадна во канцеларијата на Власи и во обид да го убие го рани во раме.
Организацијата „Окото на народот”, според обвинението, планирала убиство на косовски Албанци, поранешни југословенски функционери од периодот 1980-1991 година, како и на други личности кои ги сметала за предавници.
Меѓу оние кои се наоѓале на листата за отстрел се претседателот на Косово Хашим Тачи, досегашниот собраниски спикер Кадри Весели, поранешниот премиер Иса Мустафа, поранешните министри Хајредин Кучи и Фатмир Лимај, команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), публицисти, новинари и други личности.
Според обвинението, за остварување на намерата групата во странство формирала фонд „Слобода на татковината” и како организација „Окото на народот” имала хиерархиска структура, кодирани имиња и конкретно зададени задачи за своите членови.