Зелената партија ДОМ бара итно да се изгласа измената на Законот за управување со отпад предложена од пратеничките од ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска. Со тоа ќе се забрани увоз на отпад како гориво и ќе се отстрани тој извор на загадување во време кога аерозагадувањето е многу високо, а институциите за контрола слаби.
„Деновиве македонското собрание ја разгледува седницата на која се наоѓа оваа точка. На изненадување на предлагачите и на сите што го следат процесот, на вчерашната сесија претседателот Џафери ја прескокна точката, со образложение дека не се создадени деловнички услови за разгледување. На процедурална забелешка од Поповска дека законот е поддржан и од матичната комисија и од Законодавно-правната комисија и со тоа се исполнети деловничките услови, следеше ново појаснување од претседателот, дека всушност не е постигната согласност за разгледување од страна на координаторите на пратеничките групи“, велат од ДОМ.
Партијата ги повикува собраниските координатори да не го попречуваат изгласувањето на законот кој е во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.