Либиската национална армија (ЛНА) предводена од генералот Калифа Хафтар објави дека Меѓународниот аеродром „Митига“ во либиската престолнина Триполи е затворен за воени и цивилни авиони и се закани дека секој авион што ќе се обиде да го искористи ќе биде соборен, пренесува агенцијата „Тасс“.
Портпаролот на ЛНА, генерал Ахмед Ал-Мисмари, рече дека армијата го спроведува својот план за воведување зона на забрана за прелети од градот Гаријан во северозападниот дел на земјата до брегот на Триполи, вклучувајќи ги и аеродромите и блиската воздушна база.
„Како знак на почитување на напорите на меѓународната заедница, нашите руски пријатели, арапските браќа кои напорно се обидоа да постигнат прекин на огнот, се согласивме да ги набљудуваме без да поставуваме какви било барања за возврат, освен за зачувување на нашето право да одговориме на секоја закана или повреда на прекинот на огнот од страна на терористичките групи и криминална милиција“, рече тој.
„Сепак, аеродромот ‘Митига’ се претвори во главна точка за испорака на терористи, оружје и опрема, стана база на турските трупи. Во овој поглед, најавуваме дека се воведува зона на забрана за прелети. Затоа аеродромот и воздухопловната база отсега се сметаат за затворена воена зона, а нивната употреба од воената или цивилната авијацијата е строго забранета“, додаде генералот.
„Секој цивилен или воен авион што ќе влезе во неа, без оглед кои се неговите сопственици, ќе се смета за прекршувач на прекинот на огнот и веднаш ќе биде уништен. Ова е наше последно предупредување“.
Во средата, медиумите објавија дека аеродромот се нашол под ракетен оган, за што Владата на национален договор (ГНА) со седиште во Триполи ги обвини силите на Хафтар. Генералот Ал-Мисмари остро ги отфрли овие обвиненија. Аеродромот на својата страница на „Фејсбук“ соопшти дека ги прекинува сите операции до следното известување.
„Сите летови се пренасочуваат кон аеродромот ‘Мисрата’ (околу 200 км источно од Триполи) почнувајќи од четврток, 23 јануари“, соопшти управата на аеродромот без да ги објасни причините за овој потег.
Северноафриканската држава е поделена од ривалските администрации, секоја со поддршка од различни држави.
Силите на Хафтар, кои од април се во опсада на Трполи се поддржани од Египет, Русија и Обединетите Арапски Емирати, додека владата со седиште во главниот град се сврте кон Турција