Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК реагира во однос на дел од ставовите што вчера ги соопшти Министерството за образование и наука во врска со начинот на зголемување на платите во високото образование за 10 отсто, кое беше договорено на преговорите помеѓу СОНК и МОН.
– Од содржината на текстот може да се заклучи дека МОН не ја почитува репрезентативноста на СОНК, докажана според националната класификација на дејности и која е потврдена со Решение за репрезентативност, издадено од Министерството за труд и социјална политика во јануари 2019 година. МОН не смее во името на автономијата на универзитетите да стои настрана од проблемот, односно да дава предлози за формирање нов универзитетски синдикат, којшто би бил репрезентативен или ќе се приклучат кон СОНК или кон НАкС и ќе го исполнат условот за репрезентативност, затоа што СОНК има докажана репрезентативност. А тоа Министерството го знае. Впрочем, зошто СОНК би преговарал со МОН, ако е спротивно од ова што го кажуваме, пишува во реакцијата на СОНК.
Во дописот потпишан од претседателот на СОНК Јаким Неделков, Синдикатот нагласува дека се согласува со тврдењето на МОН во соопштението дека исплатата на повисоки плати во високото образование мора да биде во согласност со законските прописи, но прашува дали исплатата се врши во согласност со закон или колективен договор или, пак, со акти и правилници од минатиот век.
– СОНК исто така прашува дали последното зголемување на платите во високото образование за 5 проценти со септемвриската плата во 2019 година беше регулирано со колективен договор на ниво на работодавач или пак со посебен закон. Ако е со посебен закон, зошто и овојпат не се постапи така?, прашува СОНК и го повикува МОН веднаш да отпочнат преговори за утврдување на конечниот текст на гранскиот Колективен договор за високо образование и наука и, како што наведува во реакцијата, „конечно да се стави крај на голем дел отворени прашања што ги мачат вработените во овие дејности”.