Република Северна Македонија и оваа година бележи назадување на рангирањето на Индексот за перцепција на корупцијата односно со вкупно 35 поени и е пласирана на 106 место. Во 2018 државава беше на 93-то место со 37 индексни поени, додека во 2017 година сме биле на 107-ма позиција. Ова го покажува извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата 2019 година (ИПК) објавен денеска од Транспаренски интернешнл, во кој се опфатени 180 држави, а акцентот бил ставен на врската помеѓу корупцијата и политиката не само преку финансирањето на изборните кампањи, туку и воопшто преку спроведување на нечии интереси што се остваруваат преку влијание со финансирање на политиката.
Овој надолен тренд, рече на денешната прес-конференција Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнл Македонија, го гледаме уште до 2012 година и порано, во борбата против корупцијата и убедливо сме на најниската позиција од сите држави и во регионот.
– Минатата година коментиравме дека резултатот бележи подобрување под влијание на перцепцијата за работењето на СЈО или под влијание вербата и довербата што граѓаните ја имаа во работењето на таа институција. Денес резултатите покажуваат дека довербата во институциите во јавниот сектор, во политиката значително се намалува повторно, истакна Тасева.
На новинарско прашање дали случајот Рекет имал некакво влијание врз индексот, Тасева одговори дека целата ситуација околу намалување на ефектите од работењето на СЈО и губењето на доверба сигурно има влијание, затоа што дел од тие резултати или анализи се правени во текот на 2019 година.
Мерките кои се преземаат односно кои се презентираат дека се преземаат за борба против корупцијата, оцени таа, не се реални, не се вистински, не се објективни и не даваат ниаков резултат.
Во однос на улогата на Државната комисија за спречување на корупцијата, Тасева смета дека таа сама посебе не може да даде ефект бидејќи не и се дадоа доволно ресурси за да може да работи. Од нивните одлуки, посочи, нема никакв реакција понатаму, никој не ги спроведува.
Додаде дека се работи за резултати од истражување на два економски резултати, поголем број резултати што ја мерат слободата на изразување, транспарентноста, демократијата и индексот на владеење на правото. Укажа дека постои намалување во сите резултати, особено, подвлече Тасева, во економските индикатори.
На новинарско прашање дали промената на името на нашата држава има влијание, Тасева децидна дека укажувањата оти не е доволно само да се смени името за да очекуваме датум за преговори се оправдани, затоа што, рече, се друго заостанува, реформите кои треба да се направат заостануваат.
– Фрустрацијата со Владите и корупцијата во политиката, како и недостатокот на доверба во институциите, зборува за потребата од поголем политички интегритет. Оваа порака уште повеќе добива во сила кога се наоѓаме пред избори и посебно треба да ја упатиме и граѓаните да разберат дека од политичарите и од политиката треба да побараме повисок интегритет, повисока одговорност и отчетност доколку сакаме проблемот со корупцијата во нашата држава да се намалува, е основната порака од Транспаренси интернешенл, рече Тасева.
Главната препорака од Транспаренси интернешенел е дека треба да се менаџираат и контролира судирот на интереси, да се контролира финансирањето на политиката, да се зајакне интегритетот во политиката и на изборите и да се сузбива повластениот третман во сите сфери.
– Да се зајакне и потребата од проверка и контрола, да нема недопирливи, како што има денес недопирливи за било каква реакција од било кого или пак за реакција од судските власти или за снакционирање. Ова се преопраки што денеска се релевантни и валидни на светско ниво, потенцира Тасева.
Во однос на нивото на корупцијата во регионот најдобро рангирана на ИПК е Словенија на 35 – то место, а најлошо нашата држава на 106-то место, додека Хрватска е на 63 место, Црна Гора на 66, Бугарија на 74 место, Србија на 91, Косово и Босна и Херцеговина се на 101 место.
На ИПК на скала од 0 до 100, највисоко рангирани и годинава се Нов Зеланд со 87 индексни поени, Данска 87, Финска 86, Швајцарија и Сингапур 95 и Шведска со 85, најниско рангирани исто како и лани е Сомалија на 180 позиција со 9 индексни поени, а пред неа се Јужен Судан, Сирија и Јемен.
– Фрустрацијата со владите и корупцијата во политиката, како и недостатокот на доверба во институциите, зборува за потребата од поголем политички интегритет. Оваа порака уште повеќе добива во сила кога се наоѓаме пред избори и посебно треба да ја упатиме и граѓаните да разберат дека од политичарите и од политиката треба да побараме повисок интегритет, повисока одговорност и отчетност доколку сакаме проблемот со корупцијата во нашата држава да се намалува, е основната порака од Транспаренси интернешенл, рече Тасева.
Во просек на светско ниво годинешниот ИПК бележи пад во сите држави многу мал број околу 22 држави бележат пораст што е статистички значаен или бележат подобрување на перцепцијата за корупцијата.
Повеќе од две третини од државите заедно со повеќето напредни светски економии стагнираат или покажуваат знаци на уназадување во нивните антикорупциски напори.