Во Струмица денеска е отворен специјализиран фитнес центар за лица со попреченост, кој е единствен во регионот. Центарот е отворен во рамки на проектот „И ние постоиме” преку RELOAD програмата (Регионална програма за локална демократија за Западен Балкан) финансирана од ЕУ, а спроведувана од УНДП и поддржанa од Општина Струмица.
Според Мери Туџарова од Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност” од Струмица, отворањето на центарот има големо значење за лицата со попреченост.
-Ќе има големо значење во подобрување на квалитетот на живот на лицата со попречност и со овој проект ќе се потрудиме да покажеме дека и ние можеме да бидеме рамноправни и дека можеме да спортуваме, иако ни е потребна одредена мала помош, рече Туџарова.
За Анче Туфекчиева од Здружението на граѓани за помош и поддршка на лица со даунов синдром „ВЕРА” од Струмица, кое е партнер во проектот заедно со „Мобилност”, отворањето даоаѓа како иницијатива откако биле одбиени да спортуваат од повеќе фитнес центри.
-Наидовме на отпор од некои фитнес центри и затоа одлучивме идејата да ја реализираме сами, да најдеме простор и да се набават реквизитите со кои што ќе можеме да вежбаме, рече Туфекчиева, која додаде дека фитнес центарот е од отворен карактер за сите кои сакаат да го користат.
На отворањето присуствуваше и претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност-Македонија” и на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, Бранимир Јовановски. Тој истакна дека на вакви проекти треба да се гледа и од страната на социјалната инклузија преку спортот.
-Искрено очекувам дека оваа просторија ќе биде исполнета и многу лица ќе најдат свое катче за задоволство и подобрување на својата здравствена состојба и дека ќе се видиме со некој спортист кој ќе спортува и ќе донесе медал за Струмица и нашата држава, рече Јовановски.
Настанот го поздрави и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој рече дека општина Струмица и тој како градоначалник секогаш ќе стојат зад такви проекти.