Двајца кинески државјани итно биле примени во болница во Глазгов, Шкотска, кога им биле дијагностицирани симптоми што може да укажуваат дека се заболени од корона вирус, пренесуваат шкотските медиуми.
Според неофицијални информации, пациентите неодамна пристигнале во Шкотска од кинескиот град Вухан, кој е епицентар на епидемијата на опасниот вирус од кој починаа најмалку 25 лица.
Според локалните медиуми, лекарите досега не успеале да го исклучат корона вирусот кај примените пациенти.
Итните прегледи се во тек, а пациентите за кои се верува дека се заразени со опасниот вирус се во целосна изолација. Изворите уверуваат дека лекарите ги презеле сите неопходни мерки за да го спречат можното ширење на заразата.