Европската Унија ги осуди новите воени напади на режимот на Башар Ал Асад врз градот Идлиб во кои загинаа 35 лица во последните неколку дена, меѓу нив цивили, вклучително и деца.
-Обновената офанзива во Идлиб, вклучително и повторните воздушни напади и бомбардирања кои таргетираат цивили, се неприфатливи и мораат да престанат. ЕУ ќе ги задржи санкциите врз режимот на Асад сѐ додека траат овие брутални напади, порача денеска Европската служба за надворешни работи преку соопштение.
Според ЕУ само во последниот месец, 350 илјади лица се раселени во Сирија.
Европската Унија бара од сите актери во Сирија да обезбедат “брз, сигурен и непречен” пристап до хуманитарната помош што ја нудат организациите, како што предвидува меѓународното хуманитарно право. ЕУ предупредува и дека “хуманитарните коридори не можат да го заменат почитувањето” на меѓународното право.
Режимот на Ал Асад, со поддршка од Русија, нападите ги правда со тоа што во Идлиб наводно продолжуваат да делуваат терористички групи.
-Присуството на групи обележани како терористички од страна на Обединетите Нации е преокупација за сите. Борбата против овие групи, како што дозволуваат ОН, сепак не дозволува да се игнорира меѓународното хуманитарно право, предупредува ЕУ.
Брисел уште еднаш повтори дека приоритет за Европа е постигнување на одржливо политичко решение во согласност со правилата на Обединетите Нации и алармира дека постојаните воени борби во Идлиб ја загрозуваат меѓусебната доверба дека може да се постигне компромис.