Јордан Камчев веќе неколку пати ја користел претходно издадената времена исправа за патување, што покажува дека нема да се даде во бегство, додека понудената гаранција од над 3 милиони евра е многу сериозна, особено што се однесува на враќање на патна исправа, а не на мерката притвор.
Ова го наведе одбраната на осомничениот во „Империја” бизнисменот Јордан Камчев, образложувајќи ја денеска пред Апелацискиот суд во Скопје, жалбата за укинување на мерката претпазливост и одземање на патна исправа, со предлог хипотека.
Адвокатот Антонио Апостолски, образложувајќи ја жалбата, рече дека судот претходно му определил времена исправа за патување и обвинетиот неколку пати ја користел, што покажува дека не држи наводот дека ќе се даде во бегство, како и дека е доставена дополнителна гаранција со вкупна вредност од 3,18 милиони евра.
– Не е направно вештачење и наведената штета се само наводи на обвинителството. Можеа овие година и нешто колку трае истрагата да направат проценка за судот точно да знае, изјави Апостолски.
Дополнително, посочи дека понудената гаранција од над 3 милиони евра е многу сериозна, особено што се однесува на враќање на патна исправа, а не на мерката притвор.
Јавен обвинител од Вишото обвинителство, образложи дека, немало суштествена повреда на постапката и дека останува на писменото барање за отфрлање на жалбата како неоснована.
Судот, во образложението на одлуката, наведува дека се уште постојат причините поради кои е одземена патната исправа, имајќи ја предвид тежината на делото за кое се терети, двојното државјанство и тоа дека понудената гаранција е помала од имотно-правната корист со која се стекнал.
Одлуката ќе биде соопштена преку првостепениот суд.