Полицијата во Улцињ поднесе кривична пријава против четири лица поради тоа што за време на турнир во мал фудбал во основно училиште во градот во салата внеле волк затворен во мал метален кафез, соопштија локалните власти.
Се вели дека надлежниот обвинител наредил кривичните пријави да се поднесат во редовна постапка, а за инцидентот бил известен и ветеринарен инспектор, кој ќе преземе мерки во согласност со Законот за заштита на благосостојбата на животните, пренесува Радио-телевизија Црна Гора.
На неодамна одржан фудбалски турнир во Улцињ организаторите внеле волк во минијатурен кафез прикажувајќи го пред насобраната публика како трофеј.
Видеото, кое се распространи на социјалните мрежи, прикажува неколку мажи како носат кафез со волк среде преполна сала, како и маж кој се обидува да седне врз кафезот додека насобраната толпа вика и навива. Притоа преплашеното животно се грчи и нервозно се врти во круг.