Соединетите Американски Држави и Ирак треба да ја продолжат заедничката мисија за борба против терористичката организација Исламска држава, изјави ирачкиот претседател Бархам Салих.
– Нашите односи се постојани, САД се партнер на Ирак и во војната против Исламската држава, рече Салих пред средбата со американскиот претседател Доналд Трамп за време на Меѓународниот економски форум во Давос.
„Мисијата треба да биде исполнета и мислам дека вие и јас ја делиме визијата за стабилен и суверен Ирак, кој е во мир со себе и со нашите соседи”, му рече Салих на Трамп.
На средбата со Трамп, ирачкиот лидер рече дека „времињата на Блискиот исток се предизвикувачки и тешки”.
Ова беше прва средба на Салих со Трамп, по убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани и лидерот на ирачката шиитска милиција Абу Махди ал-Мухандис во Багдад на почетокот од овој месец.