Припадник на предизборниот штаб на американскиот кандидат за претседател, Берни Сандерс, снимен е како признава дека сака вооружена револуција, по која богатите би ги пратил на гилотина, а републиканците во логори за едукација и превоспитување, пишува хрватски „Индекс“, повикувајќи се на американските медиуми.
Мартин Вајсгербер, кој наводно е платен теренски организатор за кампањата на Сандерс во Јужна Каролина, бил тајно снимен во разговор со десничарски активист кој очигледно лажно му се претставил како левичар и симпатизер на Сандерс.
Откако ја стекнал неговата доверба, активистот на „Проект Веритас“, на средба во ресторан, извлекол од Вајсгербер прилично неверојатни признанија за некој што работи во изборен штаб на еден од водечките кандидати за претседател на САД.
„Отсекогаш сум кажувал, знаете, јас сум комунист“, рекол отворено Вајсгербер, дистанцирајќи се на овој начин од Сандерс кој се декларира како демократски социјалист, пренесува „Индекс.хр“.
„Подготвен сум да фрлам тули и да се борам“, додал тој, алудирајќи на добро познатата тактика за вадење камења од плочниците и нивно фрлање кон полицијата во насилните протести низ целиот свет.
Воедно објаснил дека е во контакт со радикални левичарски групи од целата земја за да организираат масовни протести како оние на Жолтите елеци во Франција (иако француските жолти елеци идеолошки се разликуваат од левицата), доколку Сандерс изгуби и Доналд Трамп добие уште еден мандат.
„Едноставно ќе земам оружје во рака. Сакам да научам како да пукам и би одел на обука. Јас сум подготвен. Подготвен сум за е***а револуција, братко“, истакнал активистот на Сандерс.
„Богатите на гилотина“, кажал тој во дел од разговорот, а потоа застанал во одбрана на Советскиот Сојуз и неговиот злогласен гулаг, систем на работни логори во кои меѓу 1930 и 1953 година биле затворени околу 18 милиони луѓе, од кои меѓу 1,5 и 1,7 милиони умреле поради нехумани услови и тешка принудна работа.
„Гулагот е основан како систем за превоспитување… Дали си слушнал за Беломорскиот канал? Луѓе доаѓале од Америка да работат на каналот, за советски проект, за комунистички проект. Тоа е прекрасна работа”, го изразил своето восхитување овој млад американски комунист.
Станува збор за проект за изградба на канал во чест на Сталин во кој според историските податоци умреле меѓу 12 и 25 илјади принудни работници од гулагот.
Вајсгербер додал и дека во САД денеска има повеќе затвореници отколку во Русија во најжестоките времиња на гулагот и дека Советскот Сојуз своевремено бил најпрогресивно место за женските права.