Се согласуваме за потребата да има затворени центри, но несогласувања што постојат се за големината и начинот на нивна работа, рече министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис по средбата со префектот и градоначалниците од островите во северниот дел на Егејското море, јави дописничката на МИА од Атина.
На средбата одржана во премиерската палата, градоначалниците на Лезбос, Самос и Хиос и префектот на регионот ја доставија резолуцијата на локалното население, по вчерашниот генерален штрајк за ситуацијата со бегалците и мигрантите.
Средбата беше обид да се приближат ставовите на двете страни.
Надлежниот министер по средбата рече дека имале суштинска дискусија, го повтори ставот дека е оправдана огорченоста на локалното население бидејќи Грција кон средината на 2019 година се соочи со зголемен бран бегалци и мигранти.
Двете страни се согласиле за неколку точки, како што се намалување на бегалските и мигранските бранови, намалување на бројот на бегалци и мигранти на островите и враќања во Турција, точки што воедно се дел и од владиниот план за справување со кризата.
-Потребни се конкретни мерки за градење доверба меѓу централната влада и островите и ова ќе биде приоритет во следните денови. Ќе постои редовна средба со префектот и градоначалниците на секои две седмици. Постојат точки во кои има некои разлики. Се согласуваме за потребата од затворени центри. Различни ставови има во однос на нивната големина и начинот на работа, рече Митаракис.
Градоначалниците истакнаа дека тие не прифаќаат да се изградат затворени центри со голем капацитет, туку бараат мали затворени центри само за идентификација и регистрација на бегалците и мигрантите