Пропорцијата на обновливи извори во употребата на енергетските ресурси во Северна Македонија достигнала 18,1 процент во 2018-та, што е блиску до просекот на ЕУ, но претставува пад во однос на претходната година, според податоците на Евростат објавени денеска.
Во 2017-та, енергетскиот микс во Северна Македонија содржел 19,6 проценти обновливи енергии, а земјата има зацртано во 2020 да постигне 23 отсто обновливи извори на енергија.
Пропорцијата на обновливи ресурси во Северна Македонија меѓу 2015 и 2018 значително варира: 19,5 отсто во 2015, 18 отсто во 2016, 19,6 отсто во 2017 и оваа година 18,1 отсто. Во 2014, земјата користела 15,7 отсто обновливи енергии во својот енергетски микс.
Ако е близу до просекот на ЕУ, Северна Македонија е далеку од перформансите на соседните земји: Албанија употребила 34,9 отсто, Косово 24,9 отсто, а Србија 20,3 отсто.
ЕУ си зацрта цел во 2020 да постигне 20 отсто употреба на обновливи ресурси во енергетскиот микс, и 32 отсто до 2030.
Од земјите членки на ЕУ, дванаесет веќе ги надминале своите зацртани цели за пропорцијата на обновливи енергии: Бугарија, Чешка, Данска, Естонија, Грција, Хрватска, Италија, Литванија, Летонија, Кипар, Финска и Шведска, додека четири земји се многу блиско до постигнување на целта.
Секоја земја има зацртано свои цели во согласност со нејзините специфичности. Романија е на 0,1 процентен поен од постигнување на својата цел, следуваат Унгарија, Австрија и Португалија, кои се на помалку од еден процентен поен оддалечени од целта.
Најдалеку од зацртаната цел се Холандија и Франција, пресмета Евростат.
Најдобра е Шведска со над 54,6 отсто енергија произведена од обновливи извори, следува Финска со 41,2 отсто. Најлош перформанс има Холандија со само 7,4 отсто обновливи ресурси во својот енергетски микс. Малта, Луксембург и Белгија се сите под десет отсто.