Поп-легендата Мадона откажа уште еден настап во португалската престолнина Лисабон, град кој беше инспирација за нејзиниот најнов албум „Мадам Икс“. Таа го откажува концертот поради болка од „тековни повреди“, изјави во средата промоторот на турнејата.
Промоторот на Everything Is New пушти соопштение на Фејсбук, извинувајќи им се на фановите и им се заблагодари за „добрите желби за закрепнување на Мадона“.
„Искрено жалиме за разочарувањето на фановите поради непредвидените и измени во распоредот што се случија во последна минута,“ гласи објавата на социјалните медиуми.
Концертот во средата навечер беше втор настап кој ѕвездата го откажа од почетокот на нејзината европска турнеја во Лисабон на 12 јануари, каде што живее од средината на 2017 година.
„Жал ми е што морав да откажам вечерва“, напиша 61-годишната поп-ѕвезда на својот Инстаграм во неделата, веднаш по првото откажување на настапот во лисабонскиот Колосеум.
„Но јас мора да го слушам моето тело и да се одморам!“
Мадам Икс (Madame X) е четиринаесеттиот студиски албум на американската пејачка, инспириран од нејзиниот живот во Португалија и културата во земјата и традиционалната музика, вклучувајќи ја и меланхоличната музичка форма фадо.