Сагосен: Против Хрватска ќе победиме или ќе исчезнеме

Денеска е слободен ден на 14. Европскот ракометно првенство кое влегува во завршната фаза. Репрезентациите кои во Виена и Малме каде се играа натпрерварите од втората групна фаза изборија палсман во полуфиналето, но и за мечот за 5. место, денешниот ден ќе го искористат да се преселат во Стокхолм каде утре, в сабота и в недела ќе ги одиграат последните мечеви за распределба на медалите и ќе го комплетираат конечниот пласман на завршницата која за првпат се играше со 24 селекции и тоа во три земји ко-организатори: Шведска, Норвешка и Австрија.

Во полуфиналето ќе се соочат актуелниот европски првак Шпанија, која патот кон одбрана на титулата ќе го продолжи против Словенија, а најголемиот фаворит според прикажаното од почетокот на континеталниот собир Норвешка која знае само за победи за противник ќе ја има Хрватска. Првичниот распоред од ЕХФ е дека утре Норвешка – Хрватска ќе играат од 18 часот, а Шпанија – Словенија од 20.30 часот.Но, со оглед дека како на „големо дерби“ во полуфиналето се гледа мечот Норвешка – Хрватска најавена е рокада на терминот. Во ударниот термин од 20.30 часот да се премести дуелот Норвешка – Хрватска, а од 18 часот како загревање за полуфиналните возбудувања да биде пресметката меѓу Шпанија и Словенија.

Во пресрет на овие мечеви Хрватска има проблеми со повредени играчи. Лука Циндриќ не настапи против Шпанија, го одгледа мечот од клупата, а Игор Карачиќ пред самиот крај го повреди коленото. За да ги смират љубителите на ракометот во Хрватска двајцата порачаа дека добро се чувствуваат и ќе му бидат на располагање на „стариот лисец“ Лино Червар кој во својата селекторска кариера со „коцкестите“ нема освоено злато на континеталните собири. Сега на крајот од кариерата ја гледа таа шанса да ја комплетира ризницата со медали.

И Норвешка остана без Магнус Род кој се повред и предвреме заврши со настапите на ЕП. Но, затоа во последниот дуел од групата кога се беше познато кој ќе патува во полуфиналето против Словенија одмор доби целата прва постава на Норвешка.

Еден од најдобрите норвешки ракометари Сандер Сагосен кој е прв стрелец со 51 гол во досегашниот дел од ЕП и во последните два дуели може да го загрози македонскиот „бомбардер“ кој го има рекордот на континенталните собири, Кирил Лазаров (62 гола) против Словенија воопшто не настапи. Личните постигнувања Норвешка ги остави зад тимската цел – да се освои златото.

-Добро е што одморив. Покажавме како селекција дека имаме долга и квалитетна клупа. Е, сега против Хрватска – одиме во војна во текот на сите 60 минути. Сите знаеме дека ќе биде тешко, но подготвени сме за таа војна. Ние уживаме на ова првенство, па пред нас е голем предизвик – или ќе победиме или ќе исчезнеме. Јас се надевам на победа и  финале, порачува Сагосен.

Полуфинале – утре

18 часот: Норвешка – Хрватска

20,30 часот:Шпанија – Словенија

Сабота

16 часот: Германија – Португалија (меч за 5. место)

18.30 часот: Меч за 3. место

Недела

16,30 часот: Финале

Треба да знаете
Последни објави