Собранието на Република Северна Македонија на 123 пленарна седница го разгледа и го усвои Финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за 2020 година.
Вкупниот буџет за годинава изнесува околу 86 милиони денари и со одобрување на истиот регулаторното тело ќе може во полн капацитет со зголемените надлежности да ги извршува надлежностите истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски во текот на собраниската процедура низ која помина одобрувањето на Финасиксиот план.
„Со доделување на обврската Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да ги регулира и цените на водните услуги се зголеми нејзиниот обем на работа, а во наредниот период се предвидува Комисијата да ги регулира и цените за комунален отпад„ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Во текот на 2019 година Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе над 30 подзаконски акти со кои се имплементирани обврските кои што произлегуват од Третиот енергетски пакет за што од страна на Енергетската заедница е добиено признание како најдобро регулаторно тело од земјите членки на Енергетската Заедница во имплементацијата на Третиот енергетски пакет. Со подзаконските акти се овозможи намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата за 5% поради воведување на ефтината тарифа. Цената на електричната енергија добиена од АД ЕЛЕМ во 2019 година е намалена за 19% во споредба со 2018 година. Цената за пренос на електрична енергија на АД МЕПСО во последните две години е намалена за 32%. По одобрувањето на новите мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија, трошоците за приклучување на системот за дистрибуција на електрична енергија е намален од 500 евра на 370 евра. Трошоците за повторно приклучување на потрошувачите кои се исклучени е намален од 1.740 денари на 440 денари. Трошоците за одвојување на мерно место е намален од 500 евра на 200 евра. Либерализацијата на пазарот на електрична енергија не предизвика шокови кај цената на електричната енергија за домаќинствата, а трошоците на комерцијалните потрошувачи се намалени за околу 30%.