Не цел половина час по почетокот на средбата на партиските работни групи за законот за јавно обвинителство што се одржува во Собранието претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија дискусијата поради тоа што не била прифатена нивната иницијатива за присуство на државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски.
Антонио Милошоски иако децидно не потврди дека претставниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на идни средби доколку на нив не присуствува државниот обвинител Јовевски, сепак истакна дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе го продолжи учеството на вакви средби што ќе се одржат денеска, утре, во недела, понеделник… кога ќе биде обезбедено неговото присуство.
Во однос на тоа зошто е потребно присуството на Јовевски на ваквите средби, Милошоски истакна дека тој лани во декември имал големи забелешки на разговорите и на Предлог-законот за јавно обвинителство истакнувајќи дека е потребно да се донесе квалитетен закон кој нема да е резултат на политички договарања.
Тој изрази задоволство што на денешната средба биле присутни и претставници на меѓународната заедница, односно од Американската амбасада, Делегацијата на ЕК во Скопје.
– Ја поздравуваме иницијативата за одржување средба во поширок формат во присуство на парламентарни групи и со присуство на меѓународни претставници, со една мала забелешка дека со ваков поширок формат на средба требало да се разговара пред една година наместо една недела пред распуштање на Собранието, рече Милошоски.
На денешната средба тие побарале и одржување на јавна расправа со учество на стручната јавност од кривично-правната област, јавни обвинители, професори…. кои ќе дадат придонес во изработка на квалитетно решение.
Милошоски истакна дека четвртиот предлог што го добиле од Министерството за правда го ценат како добра основа за преговори за стигнување до едно подобрено решение за закон за Јавно обвинителство.
Лидерот на СДСМ во однос на најавата на Мицкоски дека нема да учествуваат ако не се прифатат нивните забелешки рече дека тоа е резултат на инструкциите што доаѓаат од Будимпешта.
Мицкоски, пак, истакна дека дел од членовите во новиот предложен закон за јавно обвинителство се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во неколку наврати се крши Уставот и Обвинителството го става под контрола на власта.
Резидентни амбасадори од земјите членки на Европската Унија во земјава вчера на средбата со премиерот Оливер Спасовски истакнаа дека носењето на законот за јавно обвинителство, иако не е услов за евроинтеграциите, ќе биде добра порака за определеноста на сите политички субјекти во земјава кон дијалог и кон владеење на правото.
По серијата неуспешни обиди за договор меѓу валста и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуелизира по неодамнешната посета на еврокомесарот Оливер Вархеjи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.