– Министерот за здравство Венко Филипче, денеска беше во посета на Клиничката болница во Тетово, каде оствари средба со директорот на установата Фљорин Бесими и со младите здравствени работници на која дискутираа за мерките кои се спроведоа во изминатиот период. Воедно, министерот Филипче ги слушна предлозите и пораките од младите за унапредување на здравствениот систем.
-Младите лица се двигателот во нашето општество. Горд сум што во овие две години го зајакнавме јавното здравство преку вложување во младите здравствени работници. За првпат ги плативме приватните специјализанти. Тие сега земаат средства за својот труд и ги мотивираме за да бидат задоволни од својата работа. Нивните колеги од конкурсот од 2019 година ќе бидат платени од месец февруари, а согласно барањата на кофинансираните специјализанти пристапуваме кон измена на Законот за здравствена заштита, истакна министерот Филипче и додаде дека за четиригодишниот период 2019-2022 година, одобрени се 1.000 специјализации и супспецијализации.
Со измените во Законот за здравствена заштита, додаде, се смени времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата во траење еднакво на должината на траењето на специјализацијата, како и утврдување односно намалување на висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата.
Во разговор со младите, министерот Филипче информираше дека од месец февруари специјализантите ќе добијат покачување од 5 отсто за дежурствата, што е дополнителен стимул за нивната работа.
-Од месец февруари, следува зголемување од 5 отсто на дежурствата за специјализантите. Покрај ова, се грижиме и за младите лекари и медицински сестри. Во месец ноември со шест месечна платена работа почнаа 130 млади медицински сестри во Службата за патронажна дејност. Отвораме можности секој млад здравствен работник својата иднина да ја гледа во јавното здравство. А на оние кои работат, правиме се за да им ги подобриме условите за работа, рече министерот Филипче.
На состанокот, присутните изразија благодарност за досегашната грижа од страна на институциите.