Британскиот премиер Борис Џонсон и лидерите на ЕУ потпишаа договор за излезот на Велика Британија од Европската Унија, кој е закажан за 31 јануари.
Џонсон на „Твитер“ објави дека го потпишал договорот, поздравувајќи го новото поглавје во историјата на неговата земја.
По три години политичка криза во Велика Британија, од референдумот за брегзит во 2016 година, приказната се ближи до крајот, а земјата и Европската Унија ги завршуваат последните формалности пред разделбата.
Претседателите на европските институции утрово потпишаа договор за раздвојување што ќе заврши во Европскиот парламент, кој ќе го ратификува на 29 јануари, што е последен чин за конечен крај на бурната врска.
„Со Шарл Мишел (претседателот на Европскиот совет) потпишавме договор за истапување на Велика Британија, отворајќи го патот за негово ратификување во Европскиот парламент“, напиша претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во порака на „Твитер“.
Главниот преговарач на ЕУ, Французинот Мишел Барние, присуствуваше на потпишувањето, што беше организирано зад затворени врати во седиштето на Европскиот совет во Брисел, по враќањето на двајцата лидери од Ерусалим, а Шарл Мишел неколку часа подоцна отпатува за Тирана, по што ќе ја посети и Македонија.
Потоа, договорот бил испратен во Лондон за потпис од Џонсон.
Договорот ќе биде доставен до Европскиот парламент за ратификација в среда, на 29 јануари.