Климатските барања се целосно игнорирани, гласи констатацијата на шведската тинејџерка Грета Тунберг, изнесена денека на Светскиот економски форум во Давос, на кој таа беше мета на напад за американската администрација.
„Имавме некои барања кога дојдовме. Очигледно, тие се целосно игнорирани. Но, токму тоа и го очекувавме“, вели во изјавата 17-годишната активистка, која бара итен прекин на финансирањето на фосилното гориво.
Тунберг, која втор пат по ред е повикана на овој годишен собир на политичките и економските елити, ја заврши неделата организирајќи климатски штрајк во подножјето на скијачките патеки.
Протестите што таа ги започна во Шведска со недели мобилизираат млади луѓе ширум светот, секој петок.
На Светскиот економски форум, кој траеше од вторник до денес, доминираа тематики поврзани со климатските промени.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди дека човештвото ќе биде загубено доколку не направи поголеми напори за намалување на емисијата на јаглерод диоксид.
Учесниците најавија некои мерки за заштита на климата, но тие не одат толку далеку колку што сакаат климатските активисити.
„Ние не штрајкувавме за да се променат говорите на лидерите, туку за конкретна акција“, искоментира истакнатата германска активистка Луиза Нојбауер.
Организаторите на форумот започнаа кампања за засадување или спас на милијарда дрвја, со што би се зголемила апсорпцијата на јаглетод диоксид, но како што тврдат активистите, тоа нема да го реши проблемот со големото ниво на емисии.