Норвешка го освои третото место на ЕП 2020 откако во денешното „мало финале“ во Стокхолм неочекувано лесно и убедливо ја совлада селекцијата на Словенија со 28-20. Ракометарите на двете репрезентации влегоа во мечот видно изморени по тешките полуфиналиња од пред помалку од 24 часа, но Норвежаните најдоа дополнителни сили за разлика од избраниците на Врањеш, кои прерано капитулираа во оваа битка.
За Норвешка ова е прв медал на европските шампионати, додека Словенија урна неславен рекорд, како селекција со најмалку постигнати погодоци на еден меч за третото место (претходно рекордот му припаѓаше на Исланд, со 22 постигнати погодоци во 2002 година).
Словенија имаше само едно водство на овој натпревар (2-1), а скандинавските ракометари потоа целосно ја презедоа контролата. На одмор се замина со водство на Норвешка од 12-9, за потоа вторите 30 минути да минат во тотална доминација на оваа репрезентација, за конечна победа изразена со осум гола разлика.
Норвешка дојде до убедлива победа, иако Сагосен постигна само четири гола, од дури 12 обиди, а најефикасен беше Јендал со седум погодоци. Најдобар поединец кај Словенците при денешниот пораз беше Бомбач со пет постигнати гола.
Претходно Германија и Португалија одиграа неизвесен и цврст натправар во борба за петата позиција на Европското првенство. Во завршницата подобро се снајдоа репрезентативците на Германија и триумфираа со 29:27.
Португалија иако загуби сепак го оствари најголемиот успех во историјата на Европските првенства со освојувањето на 6. место, додека за Гемранците овој резултат не може да се смета за успег бидејќи се надеваа на највисок пласман и одвојување на медали.