Игор Карачиќ е трагичарот на Хрватска во финалето со Шпанија (22-20). Бекот направи чекори во клучниот напад, а „фуријата“ даде гол вреден титула. По дуелот во Стокхолм, некогашниот вардарец им честита на соиграчите, а му даде поддршка и на Лино Червар.
„Оставивме срце на терен, така игравме цел турнир. Грешките се составен дел од спортот. Сега имаме квалификации за ЛОИ. Тажни сме и разочарани, но можеме да бидеме и горди за она што постигнавме. Малку фалеше, но таков е спортот. Имавме тежок меч со Норвешка. Сите плачевме, беше тешко и на физички и на психички план. Ова е голем резултат за Хрватска. Секоја чест за Лино Червар за целото првенство. Ако замине, ракометот ќе загуби тренер-фанатик. Лино е таков, или го сакаш или го мразиш, Многу ни помага“, изјави Карачиќ.
Квалификациите за Летните олимписки игри (ЛОИ) се играат во април. Хрватска ќе биде во група со Франција, Португалија и второпласираниот на Африканското првенство.