Бројката на починати од коронавирусот во Кина надмина 100. Според најновите податоци се работи за 106 смртни случаи, а во меѓувреме се забележани 1.770 нови заразени, соопштија денеска кинеските власти.
Забраните за патување и носење заштитни маски се уште по затегнати во моменти кога бројот на заразени речиси двојно е зголемен. Вкупниот број на заразени изнесува 4.515.
Вчера во Пекинг беше забележан првиот смртен случај од коронавирусот. Станува збор за 50-годишен маж кој престојувал во градот Вухан, жариштето на вирусот.
Во меѓувреме, Монголија, Северна Кореја и Киргизстан соопштија дека ги затвораат нивните граници со Кина, додека Хонг Конг и Малезија објавија дека забрануваат влез за посетители од кинеската провинција каде што за прв пат се појави овој опасен вирус. Вчера Германија потврди дека го регистрирала првиот случај со короновирус кој има слични симптоми како грипот и може да се пренесува директно меѓу луѓето.