Министерката за правда Рената Дескоска очекува конструктивна јавна расправа за законот за јавно обвинителство. Таа денеска за „Утрински брифинг” изјави дека очекува јавната расправа да даде предлози како да се подобри Предлог-законот, а не да се злоупотребува времето за дебата.
– Дебатата треба да се води по законот по она што е содржано како решение и да слушнеме евентуално ако има предлози за подобрување на текстот. Во спротивно, секое било какво поинакво однесување, особено од опозицијата ќе биде протолкувано како опструкција на процесот и одолговлекување, рече Дескоска.
Додаде дека ако има добра волја може да се донесе законот пред распуштањето на Парламентот.
Изрази надеж дека ќе биде обезбедено потребното мнозинство за да биде донесен законот, но и оти очекува опозицијата да постапи разумно. Секој поинаков исход, според Дескоска, би значел политичко самоубиство на ВМРО-ДПМНЕ.
– Доколку при собрани осумдесет пратеници за поддршка на законот, ВМРО – ДПМНЕ се обиде да го блокира процесот со илјадници амандмани, мислам дека тоа ќе биде за нив политички самоубиство, бидејќи ќе ја прати вистинската порака во јавноста дека всушност се за блокирање на ефикасна борба против криминалот и корупцијата и за блокирање на евроинтеграциските процеси, истакна Дескоска.
Во разговорот, таа потврди дека бегството од правдата е црвената линија на ВМРО – ДПМНЕ и оти тоа не влева оптимизам дека тие би се приклучиле на мнозиството за носење на законот, затоа што постојано ја праќаат пораката дека сакаат да ги затворат предметите започнати од СЈО.
Според Дескоска, сите сигнали од ЕУ се дека ќе биде корисно да се донесе законот, затоа што тоа ќе ги побие сите аргументи против отворањето на преговорите со нашата држава.