Работник од Кина дошол во Германија и го заразил колегата со коронавирус

Германскиот добавувач на авто-делови „Вебасто“ соопшти денеска дека еден работник е заразен со коронавирус, откако седиштето на компанијата во Штокдорф, Баварија, го посетил работник од Кина.

„Компанијата потврди дека лицето заразено со вирусот е од Штарнберг и е вработено во седиштето на компанијата во Штокдорф“, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Компанијата изјави дека нивниот работник од Шангај, кој бил во посета на Германија, бил тестиран за присуство на вирус и бил позитивен.

„Вебасто“, која има 11 претставништва во Кина, вклучувајќи го и Вухан, град од кој започна да се шири новиот вирус, забрани патувања во таа земја.

„Ројтерс“ претходно денеска објави дека во Германија е забележан првиот случај на коронавирус, епидемија што избувна во Кина кон крајот на 2019 година.

Канцеларијата за здравство во Баварија потврди дека со вирусот се заразил жител на Штарнберг, место кое е триесет километри оддалечено од Минхен.

Исто така се наведува дека тој е во добра состојба и под лекарски надзор. Првично, детали за пациентот, неговата возраст или националност не беа објавени.

Според најновите податоци, регистрирани се 106 смртни случаи од коронавирус, а во меѓувреме се забележани 1.770 нови заразени, со што вкупната бројка се искачи на 4.515.

Покрај во Кина од каде започна заразата, случаи на коронавирус се забележани и во 16 други земји.

Треба да знаете
Последни објави