Мајката на Благој Илиев, градоначалникот на Конче, Сузанка Илиева, која има земено под закуп земјоделско земјиште со вкупна површина од 37.9 ха, зела субвенции во два наврати во вкупна висина од 403.845 денари без притоа да го има платено закупот, обвини Цветан Трипуновски, дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Сузанка Илиева е евидентирана како должник за 2017 и 2018. За 2017 година закупот е платен 14 месеци откако на истата ѝ се исплатени субвенции, а за 2018 година закупот е платен 3.5 месеци подоцна. Кој ѝ исплатил на Сузанка Илиева, мајка на градоначалникот на Конче, субвенции без да ги има подмирено обврските кон МЗШВ?“ праша тој.
Додека земјоделците мака мачат да одвојат пари за да ги подмират своите обврски кон државата, рече Трипуновски, роднините на функционерите биле толерирани.
„Доколку некој земјоделец доцни со плаќање на закупнината, тој не може да земе субвенции сè додека не го подмири долгот кон државата, но не и мајката на градоначалникот на Конче. Љупчо Николовски и Трајан Димковски го прекршиле законот и овозможиле на мајката на градоначалникот на Конче да ѝ бидат исплатени субвенции, иако истата не ја платила закупнината за земјата што ја обработува. Имено, согласно член 19 став 1 од Законот за земјоделско земјиште, земјоделецот е должен да ја плати закупнината најдоцна до 31 јули во тековната за претходната година. Министерството е должно за сите корисници на финансиски средства да достави до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој податоци за ненамирени финансиски обврски “, рече Трипуновски и побара јавното обвинителство и антикорупциска да го испитаат случајот.