Министерот за економија Крешник Бектеши не се согласува со тврдењата на Македонската асоцијација за рударство за законот за минерални суровини изнесени на вчерашната прес-конференција.
Бектеши денеска рече дека за оваа Влада секогаш приоритет ќе биде здравјето и безбедноста на граѓаните и оти доколку тие бидат загрозени, како Министерство ќе постапат исто без разлика дали се работи за мала концесија за песок и чакал или за голема концесија за металични рудници.
– Ќе ги третираме исто бидејќи нашата заложба е да им обезбедиме на сите граѓани да бидат безбедни и да се грижиме за нивното здравје. Треба да се има предвид дека во новото законско решение има мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање и да се достави елаборат за животната средина. Врз основа на тоа, ќе се донесат соодветните одлуки, рече Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата одржана по потпишувањето на меморандум со Швајцарската амбасада.
Според него, предложеното законско решение не е субјективно, туку во него се прецизираат одредени делови кои досега не беа прецизирани. – Тоа беше едно од главните барања на граѓаните, рече Бектеши.
Владата досега раскина неколку договори за дадени концесии, кои, како што појасни Бектеши, не е направено популистички, туку притоа е водено сметка за здравјето и безбедноста на граѓаните, како и за тоа да не и се нанесе штета на државата, односно да му се плаќаат пенали на концесионерот.
Македонската асоцијација за рударство вчера на прес-конференција побара повлекување на законот од собраниска процедура и организирање на јавна расправа на која сите засегнати страни ќе ги претстават своите аргументи. Според нив, законското решение не може да се носи по скратена постапка, а евентуалните измени на законот би требало да бидат само во делот на усогласување со Законот за прекршоци. Тврдат дека воопшто не биле консултирани при носењето на измените и додаваат дека државата нема став и стратегија дали и требаат рудници или не.