Белгиска компанија воведува неограничен платен одмор за вработените

Белгиската компанија Јонкерс специјализирана во преводи од март оваа година ќе им даде можност на своите вработени да земат неограничен платен одмор со цел да привлече висококвалификувани работници.

Компанијата Јонкерс моментално има 172 вработени, секој од нив ќе мора да ги земе редовните 20 неработни денови годишно, по што ќе имаат право на онолку платен одмор колку што сакаат. Системот е веќе воведен во филијалата на компанијата во Чешка од јануари, а целта е системот да важи во сите десет земји каде што е присутна фирмата до јуни оваа година.

Директорот на фирмата, Гео Јансенс, смета дека ова е најдобар начин да се подобри благосостојбата на вработените, но и да се привлечат ретко и висококвалификувани профили посебно во делот на развојот на нов софтвер базиран врз вештачката интелигенција. Лицата специјализирани за оваа работа бараат до 400 илјади евра годишно, вели директорот.

-Не можеме да го следиме ритамот во платите, но можеме да привлечеме барани профили со тоа што ќе им понудиме човечки услови за работи, вели шефот на компанијата.

Компанијата бара преведувачи за речиси сите главни јазици во светот, корејски, јапонски, руски, германски, француски, турски, хебрејски, полски и многу други. Фирмата има филијали во Чешка, Италија, САД, Велика Британија, Виетнам, Јапонија, Словачка и Кина.

Треба да знаете
Последни објави