Првата реакција и обидот за сопирање кај возачот настанала во првата секунда, кога ја кренал ногата за гас и ја префрлил кај педалот за сопирање, одговори вештакот Драган Аксентиев, одговарајќи на прашањето на адвокатот Сашо Дуковски дали возачот реагирал со хавариско, односно таканаречено „ѓаволско кочење” дури во моментот кога несреќата била неизбежна.
Сообраќајно-техничкиот вештак Драган Аксентиев на денешното рочиште за автобуската несреќа кај Ласкарци, одговарајќи на адвокатско прашање рече дека делумно се согласува со констатацијата дека возачот ја создал опасната ситуација.
„Гледано од сообраќајно-технички аспект, најодговорно тврдам дека ниту еден сообраќаен технички вештак не може да каже кое е тоа краткотрајно дејствие што го има направено возачот за да му го одземе вниманието и тоа да се рефлектира преку отсуство на внимание”, рече Аксентиев.
До човечкиот фактор како виновен за несреќата се дошло по пат на елиминација.
„Како што имаме наведено во вештачењето, како што кажав на минатата расправа и како што беше поставено едно од прашањата на почитуваната адвокатка, нашата наука познава анализа и во таа анализа едно по едно се елиминираат одредени фактори кои можат да доведат до насочување на автобусот кон лево. Сите тие фактори коишто се анализирани се јасно прикажани во вештачењето, а особено на страница 50, 51 се анализирани и прикажани еден по еден, каде што се вели дека вештачењето на Електро факултетот укажува дека дејствијата извршени врз фактографот не доведуваат до почнување на незгодата.
Вештачењето на Машински факултет укажува дека одредените слабости во одржувањето на автобусот исто така не се причина за почеток на незгодата”, рече Аксентиев.
Тој истакна дека стручната литература вели дека таква ситуација кога ќе се елиминираат сите можни фактори кои би довеле до почеток на незгодата останува човечкиот фактор, но како и минатиот пат повтори дека и стручната литература вели треба внимателно да се оперира со термините кои се врзани со човечкиот фактор.
„Вештакот не може да навлезе во главата на возачот, тоа претпоставувам можат психијатрите, но не сообраќајно техничкиот вештак”, рече Аксентиев.
Според Аксентиев, неприфатливо е тактичко-теоретско посматрање на сообраќајната ситуација, меѓутоа возачот не реагирал со воланот.
Адвокатот Дуковски сакаше да дознае од вештакот дали возачот спиел во секундите пред несреќата, на што обвинителот Јакимовски приговараше дека вештакот веќе има одговорено на прашањето. По што, Дуковски се пожали дека обвинителот пречесто приговара и со тоа можно сугерира на одговорите на вештаците и сведоците.
Обвинителот Јакимовски неколку пати ургираше до Судот за претерано долги експозеа на сите кои земаат збор во судницата поради што сите присутни го губат фокусот и вниманието.
Денешното рочиште за несреќата кај Ласкарци трае веќе повеќе од четири часа. За автобуската несреќа се обвинети шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а тројца вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.За автобуската несреќа се обвинети шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а тројца вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.