На денешното рочиште за автобуската несреќа кај Ласкарци имаше вкрстено испрашување на вештакот Драган Аксентиев.
„Возачот презел дејство, но немал никаква можност да ја спречи несреќата”, рече вештакот Аксантиев.
Обвинителот Дарко Јакимовски често имаше приговори дека непотребно се троши времето за рочиштето со долги цитати од вештачењето при поставувањето прашања.
-На минатата главна расправа дадов детално појаснување на што мислиме во поглед на отсуство на внимание на возачот, но кажав и што како вешти лица сме елиминирале од тој субјективен фактор. Елиминиравме употреба на мобилен телефон од страна на возачот и елиминиравме спиење од страна на возачот, особено во развојот на незгодата во тие четири секунди. Појаснив дека она што може да му го одзеде вниманието на возачот е некое негово краткотрајно дејство како свртување на главата и горниот дел од телото кон лево кога рацете го следат тоа движење и воланот се свртува, потоа краткотрајно завртување кон лево и надолу, потоа некое дејство со левата страна, да земе некое шише или нешто и слични некои краткотрајни дејствија кои можат во дел од секунда да му го одземат вниманието на возачот, спомнав и здравствена состојба без понатаму да навлегувам во здравствената состојба, бидејќи таква анализа е во областа на медицинско вешто лице, рече Аксентиев.
За автобуската несреќа се обвинети шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноел Трифуновски, се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а тројца вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.