Европската канцеларија за поддршка на азил со персонал и поголема финансиска помош го зголемува присуството во Грција

Зголемување за 30 отсто на буџетот за 2020 година, односно од 27 на 36 милиони евра, како и двојно зголемување на персоналот предвидува Договорот на грчката Влада со Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО), што денеска го потпишаа алтернативниот министер за миграција и азил на Грција, Јоргос Кумуцакос и директорката на ЕАСО Нина Грегори, јави дописничката на МИА од Атина.

Службениците од ЕАСО ќе ѝ помогнат на грчката служба за азил со цел да има поефективно спроведување на процедурите за азил, но ќе им помогнат и на надлежните за прием и регистрација на бегалците и мигрантите.

Кумуцакос и Грегори истакнаа дека договорот е од големо значење, бидејќи има за цел забрзување на процесот на азил.

-По овој договор, двојно се зголемува бројот на вработени од организацијата, што до сега помагаа во процесите во Грција, а се проширува и каналот на служби што ЕАСО ќе ги нуди во Грција. Освен тоа, програмата за поддршка се зајакнува, не само со човечки ресурси, туку се зголемува и финансирањето за 30 проценти, од 27 милиони евра на 36 милиони евра. Гарантираме непречено продолжување на нашата работа, рече Кумуцакос и додаде дека потребна е и соработка и солидарност на европско ниво од земјите членки до државите што се во првите редови.

Директорката на Европската канцеларија за поддршка на азил, Нина Грегори, рече дека нивната намера е да им се помогне на грчките власти за да се гарантира дека процедурите за азил ќе станат побрзи и поефективни, за „на луѓето на кои им е потребна меѓународна заштита да ја добијат колку е можно побргу”.

Грегори објасни дека ЕАСО ѝ помага на грчката служба за азил од 2015 година, со, тогаш, многу мал персонал, а соработката со текот на годините се проширила, за минатата година да го достигне највисокото ниво, со 500 вработени во 36 делови на земјата.

-Во текот на следните 12 месеци, присуството на агенцијата ќе достигне до речиси 1.000 службеници, а присуството во копнена Грција ќе се зголеми за четири пати во споредба со 2019 година, со речиси 400 вработени на осум нови локации. Нашиот персонал се состои од вработени за барањата, персонал за поддршка, за прием, канцеларии за истражувања, административен персонал и преведувачи и сите овие ќе ја поддржат работата на грчката служба за азил, грчката служба за прием и идентификација и органот за бегалци, рече Нина Грегори.

Треба да знаете
Последни објави