Израелскиот државен јавен обвинител поднесе обвинение за три случаи на корупција против премиерот Бенјамин Нетанјаху откако тој го повлече своето барање за имунитет од гонење во тие случаи, пренесува „Хаарец“.
Обвинението беше поднесено во Окружниот суд во Ерусалим, отворајќи го патот за судење на Нетанјаху.
Овој потег стана возможен откако Нетанјаху официјално престана да бара пратенички имунитет од гонење претходно истиот ден. Парламентот требаше да заседава денес за да гласа за формирање комисија за барањето на Нетанјаху.
Нетанјаху, кој ги негира сите тврдења за корупција, тврди дека не му бил овозможен фер процес и дека исходот од планираното гласање за неговиот имунитет ќе бил однапред познат без соодветна дискусија.