Нов Водич за примена на Законот за основно образование

Коалицијата на младински организации СЕГА организираше завршен настан за промоција на резултатите на проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“. СЕГА го спроведуваше проектот во партнерство со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието и со поддршка од Детската Фондација Песталоци.

 На настанот се презентираа постигнувањата на проектот кој се спроведе во периодот од 2011 – 2019 година, а се промовираше и новиот „Водич за ученичко учество, ученичко организирање и заштита на детските права во основните училишта“, во насока на полесна имплементација на одредбите од Законот за основно образование кои се однесуваат на ученичко учество и организирање.

Зоран Илиески, Извршен Директор на СЕГА, изјави: „Преку овој проект, во текот на една декада, значително се придонесе кон подобрување на примената на Конвенцијата за правата на детето во нашата држава. Од една страна, се воспоставија системски промени кои гарантираат дека гласот на учениците во училиштата ќе биде слушнат, а од друга страна, се придонесе кон подобро препознавање и почитување на правата на децата од страна на возрасните“.

Г-дин Зеќирија Хасипи, Директор на Бирото за развој на образованието изјави: „Чест и задоволство ми е што денес по неколку години од сорабтката на проектот Имплементација на Конвенцијата на детските права во Македонија спроведуван од страна на Коалиција СЕГА во соработка со БРО, денес ги гледаме резултатите. Тоа е уште еден доказ дека соработката помеѓу владините институции и невладините организации со поддршка од меѓународните организации обезбедува напредок во образованието, со идеја да се зајакнат вештините на младите и на образовниот и воспитниот кадар во училиштата“.

 

 

Главната цел на Проектот беше да се подобрат знаењата и вештините на учениците во основните и средните училишта за практикување на правото на учество во училишниот живот. Со проектот, Коалицијата СЕГА се стремеше да обезбеди услови за демократско учество на учениците во образовниот процес, но исто така се стремеше и да ги зајакне компетенциите на наставниот кадар за да се обезбеди континуитет и одржливост на поддршката на учениците како еднаков партнер при донесувањето на битни одлуки. Во текот на деветгодишниот проект, СЕГА директно работеше со 36 училишта (19 средни и 17 основни) и ги подобри знаењата за детските права на 55 389 ученици.

Треба да знаете
Последни објави