Потрагата по вториот пилот на воениот хеликоптер кој се урна вчера кај хрватскиот остров Зларин, во Јадранско Море, траеше цела ноќ, а ќе продолжи и во текот на денот.
Претходно, во текот на вчерашниот ден беше пронајдено едно тело, кого спасувачите околу пладне го извлекле од морето.
Во потрагата беа вклучени седум бродови и хеликоптер, а во вечерните часови и подморница на Хрватската воена морнарица, како и оперативните служби на Министерството за внатрешни работи.
До падот на хеликоптерот Kiowa ОХ-58 дојде за време на тренажен лет, кој почнал околу 10.30 часот. Хеликоптерот се урна половина час по полетувањето.
Хрватското Министерство за одбрана вчера соопшти дека се преземаат сите мерки и активности со цел пронаоѓање и спасување на екипажот.