– Европската унија, на барање на Франција, го активираше заедничкиот Механизам за цивилна одбрана со цел да обезбеди конзуларна поддршка на граѓаните на ЕУ во кинескиот град Вухан, кој е во карантин заради спречување на ширење на епидемијата на новиот коронавирус.
Европската комисија најавува дека со активирањето на Механизмот ќе бидат испратени два авиони за пренесување на граѓаните на ЕУ од Вухан во Европа.
Европската комисија ги повика сите граѓани на ЕУ, без оглед на националноста, кои моментално се наоѓаат во регионот Вухан, а сакаат да се евакуираат, да се пријават во дипломатските претставништва.
Првичните бројки покажуваат дека околу 250 француски државјани ќе бидат транспортирани со првиот авион и со уште 100 граѓани од други земји-членки кои го чекаат следниот авион.
– Нашиот Центар за координација во кризни ситуации работи постојано и е во постојан контакт со земјите-членки, делегациите на ЕУ во регионот и кинеската амбасада во Брисел. Доколку е потребно, ќе биде мобилизирана дополнителна поддршка од ЕУ , рече комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.
Во Европската комисија нагласуваат дека се подготвени да им помогнат на земјите-членки во „силен и координиран” одговор на ситуацијата со коронавирусот, која и „натаму развива”.
Тие велат дека француското барање е првото барање за активирање на заедничкиот механизам за цивилна одбрана на ЕУ во случај на епидемија на коронавирус, а не се исклучува дека во слендите денови ќе пристигнат нови барања.