За лицето на возраст од 22 години постои основано сомнение дека, со намера да прибави противправна имотна корист, уценувало своја 26-годишна познаничка дека за неа ќе открие, односно јавно ќе објави компромитирачки материјал- фотографии кои ќе и наштетат на нејзината чест или углед. На тој начин осомничениот ја присилил оштетената да му даде парични средства во висина од околу 200 евра.
Од МВР велат дека станува збор за Ш.Ф.(23), кој на 24.01.2020 преку порака и се заканил на С.А.(27) дека на Фејсбук ќе објави компромитирачки материјал доколку не му даде 500 евра да го плати адвокатот во врска со кривичната пријава што ја поднела таа против него за телесни повреди кои ѝ ги нанел. После тоа, таа го пријавила настанот во Полициска станица. Притоа на 26.01.2020 околу 19.00 часот во угостителски објект на ул.„Христо Татарчев“, по претходен договор, пријавениот се сретнал со оштетената која му дала 200 евра. На истата локација во 19.45 часот, полициски службеници го лишиле од слобода Ш.Ф., а по извршен преглед кај него биле пронајдени и одземени 200 евра, кои му ги дала оштетената и мобилен телефон. Исто така, на 27.01.2020, врз основа на судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во домот каде престојува пријавениот, при што биле пронајдени и одземени и други предмети во интерес на истрагата.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за приближување или воспоставување односно одржување контакти со оштетената.