– Повеќе од 1.400 лица се евакуирани денеска од големиот камп за бегалци што се наоѓа на северозапад од Париз.
Големата акција почнала околу 6 часот утринава и во текот на неа евакуирани се 249 мигранти, меѓу кои имало и деца, како и 1.187 мажи, и сите се префрлени во спортски сали и 17 приватни центри, пишува парискиот весник „Паризиен”.
Меѓу евекуираните граѓани имало и околу 30-тина зависиници од дрога, кои се згрижени во соодветни установи.
Париските власти додаваат дека евакуираните се главно мигранти од Авганистан, од Блискиот Исток и од субсахарска Африка.
Регионалната здравствена агенција Ил де Франс во својот извештај од 24 јануари забележала присуство на туберколоза и паразитски болести, но и „мантално страдање” и „ екстремна ранливост” кај жителите на кампот, посебно кај жените и малолетниците.
Од друга страна, полицијата во својот извештај наведува дека во кампот во пораст биле нападите, кражбите, трговијата со дрога, агресивното однесување… Просторот, што се наоѓал во парискиот 19 округ е расчистен со помош на градежни машини.
Кампот во текот на минатата година нагло се зголеми, откако беше отстранет кампот Порте де ла Капел, што се наоѓаше во негова близина.