– Владата на денешната седница донесе решение за формирање Централна Комисија за следење на спроведувањето и имплементирањето на еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за потребите на домаќинствата во општините Битола, Кичево, Тетово и на Градот Скопје, а кои користат енергетски неефикасни уреди за греење во нивните домаќинства кои влијаат на зголемување на концентрација на РМ10 и РМ2.5.
Владата, како што соопшти владината прес-служба, ги задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање, Канцеларијата на заменик – претседателката задолжена за економски прашања, Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација, кои се во функција на исполнување на оваа мерка, да именуваат по еден член и негов заменик и истото го препорача и до АД Електрани на Северна Македонија.
Во комисијата рамноправни членови се и по еден претставник од граѓанските организации Движење за околината Молика – ДОМ Битола, Еколошко здружение – Движење Еко Герила Тетово, и од Македонската платформа против сиромаштија – МППС, и сите тие се задолжени за постојана контрола и мониторинг на целиот процес на имплементација на оваа мерка.