Обвинителот од поранешното СЈО, Бурим Рустеми кој денеска сведочи за “Рекет”, пред судот изјави дека по барање на Катица Јанева “одмрзнал” стан во Скопје кој бил сопственост на осомничениот бизнисмен Томе Главчев, во случајот Поштенска банка. Му кажала дека има сознанија оти станот бил веќе продаден па само би се нанела штета.
Рустеми е третиот обвинител кој сведочи во случајот „Рекет“ каде е обвинета нивната поранешна шефица. Вчера рочиштето заврши скандалозно, откако револтирано од сведочењето на Лиле Стефанова, Јанева ја нарече „гомнарка и ороспија“, по што бше отстранета од судницата.
-Предметот „Поштенска банка“ ми беше доделен од Катица Јанева. Пред истрагата траеше една година. За овој случај имаше една снимка од која заклучивме дека одредени лица сториле кривично дело. Во истрагата имаше барање за мерки притвор за тројца осомничени, но судијата на претходна постапка ги одби тие барања. Уследија предлози за замрзнување на имотите на дел од осомничените, па имаше одлуки за две лица од вкупно тројца. За еден стан на Томе Главчев, Јанева побара да се тргне од списокот за замрзнување бидејќи тој стан веќе бил продаден од нејзини пријатели. Јас тоа и го сторив и предлогот го доставив до суд. Имаше предлози за враќање на одземените пасоши. Јанева побара да му се врати пасошот на обвинетиот Томе Главчев во замена за гаранција да даде машини во вредност од милион евра, изјави Рустеми.
Тој објаси дека по неколку месеци колешката Стефанова му рекла дека дознала оти можен газда на станот е екс директорот на МЕПСО Сашо Василевски.
-Таа информација не ми беше пријатна. Во суштина, за пред истрагата и истрагата за “Поштенска банка” ги завршив сам, без интервенции од Јанева. После ставот на Врховен за нашите предмети настана хаос и предизвика удар врз предметите по кој постапувавме. Настана дилема како да постапуваме. Заедно одлучивме дека рокот од 18 месеци не е амнестија за обвинетите. На еден состанок кај Јанева таа рече дека размислува да се утврди штетата во “Поштенска банка”, штетата да се исплати и обвинетите да не бидат затворени. Нејзиното размислување ме збуни. Истото таа го кажа и на колегиум во април лани на кој нагласи дека така требало да се направи и за случајот “Империја”, рече Рустеми.
Бизнисменот Томе Главчев, сопственик на компанијата „Ноел“, сведочеше на стартот на судењето за „Рекет“ кога рече дека е скаран Катица Јанева.
Тој во своето сведочење не обвини за рекет, туку се жалеше на односот кој го добивал во СЈО. Главчев додаде дека Боки се интересирал за неговата конфекција, па и по негов вкус му биле изработени неколку темни кошули.