Министерот за надворешни работи Никола Димитров утре и задутре ќе престојува во работна посета на Берлин.
Димитров ќе учествува на Втората средба од висок ранг на германско-француската иницијатива за сеопфатна контрола на мало и лесно оружје во земјите од Западен Балкан со која ќе претседаваат германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.
Како што соопшти МНР, во рамки на работната посета планирани се и средби на Димитров со негови колеги и други високи учесници на настанот, како комесарот за соседство и проширување Вархеји. Предвидено е министерот да се сретне и со високи претставници од Кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел и германското Министерство за надворешни работи.
-Посетата се случува во период на засилен ангажман во пресрет на дискусиите на ЕУ ниво за ажурираната методологија на Европската комисија за водење на пристапните преговори, како и одлуката за Северна Македонија за отворање на преговорите, наведува МНР.