Во Тетово од завчера, а во Скопје веќе веќе трет ден во сила се мерките и препораките против аерозагадувањето на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство откако податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух покажаа надминување на вредноста на ПМ 10 честичките од 175 mg/m3 во текот на два последователни дена.
Работата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање, а податоците се отчитуваат на веб порталот на кој се објавуваат on-line податоците од извршените мерења. Покрај податоците за квалитет на воздух во реално време, на веб порталот континуирано се објавуваат и надминувањата на граничните вредности, но и законската легислатива, дневните, месечните и годишните извештаи, планските документи за воздух.
Од стручната јавност, пак, со забелешки на големите и чести дупки во податоците на Државниот автоматски мониторинг систем, кои велат треба да се надминат.
Професор Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, во разговор за МИА посочува дека, Државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух, која ја има воспоставено МЖСПП, според големината на територијата и популацијата на одделните земји е споредлива на регионално ниво, како од аспект на просторната покриеност така и од аспект на обемот на загадувачки материи што се следат. Сепак, вели, слабата кондиција на старите и често несоодветно или недоволно одржувани инструменти резултира со чести испади на делови од станиците од суштинско значење, а долгите периоди на сервисирање водат и до голема загуба на податоци.
-Обезбедувањето соодветно ниво на финансирање и редовна замена и одржување на постојните системи за мониторинг се од круцијално значење за обезбедување целосни и навремени информации за оцена на квалитетот на воздухот во зоните што се набљудуваат, поради што овие процеси би требало да бидат императив за државните органи што управуваат со овие системи, посочува Мираковски.
Според него, не може да се игнорира и очигледната потреба од понатамошен развој и проширување на државната мониторинг-мрежа, како од аспект на покриеноста, односно вклучување на сите поголеми урбани средини, така и од аспект, вели, на вклучените загадувачки материи -задолжително вклучување на фината фракција на суспендирани честички – ПМ 2,5, како и анализа на содржината на некои метали или органски загадувачки материи во суспендираните цврсти честички.
– Воведувањето нови технолошки решенија со намалени трошоци на одржување или хибридни мрежи со комбинации на технологии на мониторинг и повремено контролирани локации би можеле да обезбедат соодветен баланс помеѓу потребите и можностите на нашата држава, смета професор Мираковски.
Тој појаснува дека хибридните мрежи подразбираат нови решенија кои се докажани како еквиваленти. Такви има за озон, азотни оксиди, елементарен јаглерод (кој ние не го мериме воопшто а е важна компонента за наши услови)…или на системи со помал број компоненти, а со тоа и поевтини и покомпактни, за да се покријат повеќе локации, како и собирање податоци на индикативно ниво, но со референтни стандардни методи, и кои што се во согласност со директивите.
-Тоа би било надополнување на податоците од автоматските мрежи и многу добра основа за идентификација на изворите, контрола на некои опасни материи, нагласува Мираковски кој е коавтор на над 150 научни трудови и учесник во над 80 апликативни истражувачки проекти.
32 милиони денари за оперативност на Државниот мониторинг систем за квалитет на воздухот, нова мерна станица и во Гевгелија
Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, за МИА посочуваат дека активно спроведуваат активности за постигнување на целосна оперативност на ДАМСКАВ. Во таа насока, во Планот за јавни набавки за 2020 година на МЖСПП се предвидени 26.000.000 денари за набавка на нови мерни инструменти, како и 6.200.000 денари за набавка на резервни делови и работни и рефентни стандарди за калибрација, а постојната мрежа ќе добие уште една нова автоматска мониторинг станица со средства од ИПА, која ќе биде поставена во Гевгелија.
Од ресорното Министерство посочуваат дека континуирано се врши одржување на Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздухот (ДАМСКАВ), во согласност со расположливите резервни делови и потрошни материјали, а изработена е и Оперативна програма за работа на Државниот мониторинг систем за 2020 година.
Во текот на 2019 година, наведуваат, спроведени се неколку постапки за јавни набавки и тоа за набавка на автоматски анализатор за мерење на суспендирани честички PM10 како и на систем за прибирање и обработка на податоци (Дата логер, GPRS рутер, софтвер) во висина од 1.839.620 денари кои се инсталирани во мониторинг станицата Гази Баба кон крајот на август, лани, потоа Јавна набавка на уште пет автоматски анализатори за мерење на суспендирани честички PM10 како и на пет системи за прибирање и обработка на податоци во висина од 6.537.200 денари кои се инсталирани во мониторинг станиците Лисиче, Велес, Кичево, Гостивар и Кавадарци во декември 2019 година, како и Јавна набавка на резервни делови за инструментите за азотни оксиди во висина од 1.754.660,00 денари, реализирана на почетокот од јули 2019 година.
Замена на мерни инструменти од ДАМСКАВ со нови, планирана е, посочуваат и во рамките на тековниот проект “Поддршка на Македонија во пристапувањето кон ЕУ во областа на животната средина 2019-2021” кој се спроведува со финансиска поддршка на Шведската меѓународна агенција за развој и соработка, како и со ИПА 2 програмата, за што веќе е одобрена оперативната листа за идентификација. Замена на мерните интрументи од мониторинг станицата Битола 1, пак, е планирана активност во рамките на проект “Развој и имплементација на здравствен индекс за прекугранично загадување на воздухот” финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција во текот на 2020 година.
-Со истиот проект ќе се изврши набавка на една нова автоматска мониторинг станица која ќе биде поставена во Гевгелија. Во однос на оваа активност подготвена е техничка спецификација за набавка на мерните инструменти и во тек се подготвителни активности за објава на целосната тендерска документација според соодветните правила на програмата за оваа набавка, посочуваат од МЖСПП.
Инаку, редовно одржување на секој од мерните инструменти, нагласуваат од Министерството, се врши на период од две недели согласно претходно утврден план. Калибрација на мерните инструменти се врши два до три пати годишно или по извршен сервис на мерните инструменти. Одржувањето, сервисирањето, калибрацијата како и валидацијата на податоците се врши во согласност со упатствата дадени од производителот на опремата или по настанат дефект и согласно изработени Стандардни оперативни процедури.
За одржување, сервисирање и калибрација на опремата од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух се грижат двајца вработени дипломирани инженери по електротехника и тоа – советник за калибрација на опремата и советник за одржување и сервисирање на опремата од ДАМСКАВ.
Постојниот ДАМСКАВ се состои од 17 фиксни и една мобилна мониторинг станица, поставени во повеќе градови на територијата низ државата е воспоставен и ќе се проширува врз основа на насоките наведени во „Студијата за мониторинг на аерозагадувањето во Република Македонија”. Мобилната станица, која е во функција од 2018 година има за цел да се поставува во општини кои не се опфатени со фиксните мониторинг станици за квалитет на воздух во период од една година.
Мерната мрежа на МЖСПП, односно Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ) е составена од мерни инструменти кои работат според Референтни методи за мерење на соодветните загадувачки супстанции, со спроведени Тестови на одобрување (Type Approval tests and reports) од соодветни референтни лаборатории (најчесто од TUV), при што се задоволуваат критериумите за дозволена мерна неодреденост за часовни и годишни вредности во лабораториски услови и во услови на реални мерења, опишани во соодветните EN стандарди за референтни мерни методи.
Новите технолошки решенија за мерење на квалитетот на воздухот, надвор од референтните методи, доколку квалитетот и точноста на податокот од извршените мерења е од примарна цел сеуште не ги задоволуваат критериумите зададени со Законот за квалитет на амбиентен воздух, Правилникот за методологијата за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух, како и Правилникот за поблиските услови за вршење на определени видови стручни работи, во поглед на опремата, уредите, инструментите и соодветните деловни простории кои треба да ги исполнуваат субјектите кои вршат определени стручни работи за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух, посочуваат за МИА од МЖСПП.