Европската Унија соопшти дека останува определена за „договореното и одржливо решение за две држави на Блискиот Исток“, веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп го претстави неговиот блискоисточен мировен план. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел најави дека ЕУ сака да ги проучи и процени предложените решенија. Притоа, според него, треба да се земат предвид легитимните стремежи на Палестинците и Израелците со почитување на сите резолуции на ОН и меѓународните спогодби.
Обединетите Нации соопштија дека се држат до нивните соодветни резолуции за формирање две држави кои живеат една покрај друга.
Претходно палестинскиот претседател Махмуд Абас го отфрли планот со кој се предвидува создавање палестинска држава на делови на Западниот брег, но му се дозволува на Израел да ги задржи сите еврејски населби на таа окупирана територија. Исто така се дозволува формирање на главен град на Палестина во предградието на источен Ерусалим, но поголемиот дел од тој град ќе остане под контрола на Израел.