Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) одлучи да отвори мониторинг постапка за Полска во врска со функционирањето на нејзините демократски институции и владеењето на правото, прогласувајќи во резолуцијата дека неодамнешните реформи „сериозно ја поткопаа независноста на судството и владеењето на правото”, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Полска, земја членка на ЕУ се приклучува на уште десет земји членки на Советот на Европа кои во моментот се под целосен мониторинг, (процес кој вклучува редовни посети на двајца известувачи на ПССЕ, тековен дијалог со властите и периодични проценки на усогласеност од страна на земја-членка со своите обврски и обврските преземени со членството во Советот на Европа).
Во резолуцијата, врз основа на извештајот на Азаде Рохан Густафсон (Шведска, СПЦ) и Питер Омцигт (Холандија, ЕПП / ЦД) – усвоена со 140 гласови за, 37 гласови против и еден воздржан – Собранието смета дека реформите во судството и правосудниот систем во Полска се „компромитирани и сериозно ја поткопаа независноста на судството и владеењето на правото” и дека треба да бидат разгледани за да бидат усогласени со препораките на Совет на Европа.
Парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа, понатаму сметаат дека овие реформи „го изложиле судството на политичко мешање и обиди да се преземи политичката контрола врз извршната власт, што ги доведува во прашање самите принципи на демократска држава управувана од владеењето на правото”.
Тие го повикаа претседателот Дуда да не ги потпишува амандманите донесени од Сејмот на 23 јануари 2020 година, за кои тврдат дека „дополнително ја влошуваат независноста на судството и почитувањето на владеењето на правото во Полска”, и се во спротивност со членовите 6 и 10 од Европската конвенција за човекови права. Тие ги повикаа властите на Полска „целосно да ја почитуваат пресудата на Полскиот Врховен суд од 23 јануари 2020 година”.
Што се однесува до кризата предизвикана од составот на Уставниот суд, ПССЕ смета дека: „Ниту една демократска влада која го почитува владеењето на правото не може селективно да ги игнорира одлуките на судовите што ги отфрла, особено оние на Уставниот суд. Целосното и безусловно извршување на одлуките на Уставниот суд од страна на властите, вклучително и кога тие се однесуваат на составот на самиот Уставен суд, мора да биде приоритет за решавање на кризата “.
ПССЕ ги покани властите на Полска да „го разгледаат реформскиот пакет на судскиот систем како целина и да ги изменат законите и практиките, земајќи ги предвид препораките на Советот на Европа”. Во серијата на препораки до полските власти од нив се бара да итно ги одделат функциите на министерот за правда од оние на јавниот правобранител и да вклучи во законот „доволни гаранции за злоупотреба и политизација на гонењето”; повторно да ги воспостават директните избори на судии од членовите на Националниот совет за правосудство; намалување на новите „прекумерни и дискрециони” овластувања на министерот за правда над судството и судиите; да го разгледа прашањето за можен „вонреден лек”, што предизвикува сериозни проблеми, за составот и начинот на назначување на членовите на Советот за дисциплински прашања и вонредниот апелационен совет на Врховниот суд; покренување независна јавна истрага за наводите за „кампањи за напади” оркестрирани против судиите и обвинителите кои се спротивставуваат на реформите.
ПССЕ „ги препознава тешкотиите” со кои се соочува полското судство и судскиот систем и ја поздравува приоритетната подготвеност што ја покажуваат властите да ги отстранат недостатоците, но ја повторува важноста на реформите со „целосно почитување на стандардите и правилата за ефикасно зајакнување на независноста на судиите и владеењето на правото и дека тие не ги поткопуваат или ослабуваат истите “.
Покрај тоа, ПССЕ ги покани сите земји-членки на Советот на Европа да обезбедат да судовите во нивна надлежност ги верификуваат во сите кривични случаи – вклучително и европските налози за апсење – како и во засегнатите граѓански постапки, за да можат истите да бидат загарантирани за обвинетите, ако има правична судска постапка во Полска, во смисла на член 6 од Европската конвенција за човекови права.
Од 47 земји членки на Советот на Европа, покрај Полска(единствена земја членка), во мониторинг постапка се наошаат Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Република Молдавија, Руска Федерација, Србија, Турција и Украина. Северна Македонија се наоѓа во постмониторинг дијлаог со ПССЕ.