Прес-конференција, Хари Локвенец, пратеник на СДСМ
Во судскиот процес „Рекет” во изминатиот период како сведоци се појавија тројца обвинители, Лиле Стефанова, Бурим Рустеми и Елизабета Јосифоска. Од нивните искази уште еднаш стана јасно дека општата ситуација налага итна правда. Правосудниот систем е загрозен од политички и бизнис елити кои се инсталирани во време на режимот на Никола Груевски Таквата правосудна машинерија, избрана на судско- обвинителските позиции по заслуга на ВМРО ДПМНЕ, кога режимот немаше критеруми за избор туку одлучуваше партијата според послушноста и довербата на кадрите, не може лесно да се искорени.
СДСМ останува да се бори за правда и праведност и ќе сториме се за да го прекинеме триаголникот партија – бизнис – судство. Потврда за нашите искрени заложби во создавање ефикасен правен систем, е токму предметот „Рекет”, но и новото досие „Рекет 2″ каде што на одговорност се повикуваат лица од сите општествени сфери, а некои од нив имале и релации со СДСМ. Случаите „Рекет” се демонстрација на неселективна правда и на професионално и непристрасно постапување на правосудните органи, она што треба да биде основна лекција на судиите и обвинителите. Граѓаните очекуваат завршница на овие два предмета, исто како што очекуваат дека правдата ќе ги стигне и сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои се гонат за милионски криминал и корупција во предметите на СЈО.
Граѓаните се тие кои ги ценат нашите постапки. Тие знаат кој има искрен пристап во реформирањето на судството, а кој настојува да го заштити криминалот во сопствените редови. Последна потврда за ова е Законот за јавно обвинителство кој им ги пореметува плановите на Груевски и Мицковски за затворање на случаите на СЈО и амнестија за криминалот.
Ветувавме правда за сите и тоа гарантираме дека ќе го исполниме. Правдата повеќе не може да се крие. Ова е период кога државата станува членка на НАТО и започнува преговори со Европската Унија и затоа не ни помислуваме да правиме компромиси во име на правдата.
Едноставно порачуваме – тој што направил и трошка криминал има да одговара и да оди во затвор. Попусто се обидуваме две години да создадеме функционален правен систем кога единствен интерес на ВМРО-ДПМНЕ е како да ги спаси своите функционери. Затоа се и против предметите на СЈО, како што се и против досието „Империја”.Партијата на Мицковски со негласањето на Законот за јавно обвинителство ја загрозува правната држава, европската перспектива на младите, а ги промовира криминалот и корупцијата како легални форми за водење држава.
Носењето на Законот за јавно обвинителство овозможува сите предмети на СЈО, но и сите останати случаи, вклучително и „Рекет” и „Империја” да имаат професионална и објективна завршница, затоа што само така граѓаните ќе му веруваат на правосудниот систем. Затоа граѓаните на 12-ти април ќе заокружат правна држава, владеење на правото и правда за сите. А ние ќе им ги испорачаме.