– Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај се надева дека и за споровите во регионот на Западен Балкан ќе се најде решение слично на она што го предлага американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на непријателствата во Средниот Исток, јави дописникот на МИА од Приштина.
По денешната седница на Владата, Харадинај изјави пред медиумите дека не може да стане збор за брзо решение за проблемите меѓу Косово и Србија, со оглед дека на договор меѓу двете држави се чека веќе 20 години.
– Не може тоа да биде брзо решение, бидејќи на еден таков договор чекаме веќе 20 години. Планот на претседателот Трамп за Израел и Палестина ни дава големи надежи дека тој може да дојде со конкретна идеја и за нашиот регион, изјави Харадинај, изразувајќи уверување дека Соединетите Американски Држави се заинтересирани за средување на состојбите и во овој дел на Европа.
Тој изрази уверување дека што повеќе прашања се расправаат меѓу Косово и Србија дотолку поблиску е меѓусебното признавање на двете држави.
– Што повеќе теми се отвораат меѓу нас и Србија дотолку помалку останува до меѓусебното признавање во постоечките граници. Се надевам дека ќе се искористи ова време за да се подготви спогодбата за меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија, со цел да дојде денот кога ќе се случи една интензивна средба до постигнување договор за признавање, што би било и во наш интерес, изјави Харадинај.
Запрашан за преговорите за отворање авионски и железнички линии меѓу Косово и Србија, кои се водат со посредство на американскиот амбасадор во Германија и пратеник на претседателот Трамп за преговорите меѓу Приштина и Белград, Ричард Гренел, Харадинај рече дека се надева оти „енергијата на Гренел ќе се искористи и од Европската унија и од официјален Берлин”.